Македонија ја задржа конкурентноста на економијата во текот на изминатата годината, во услови кога во регионот има негативен тренд и соседните држави бележат намалување на конкурентноста. Вака во средата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски го коментираше Извештајот на Светскиот економски форум во однос на глобалната конкурентност за 2012-13 година, на кој Македонија е рангирана на 80 место од 144 држави во светот. Македонија е за едно место подолу во споредба со минатиот извештај, кога беше на 79 место, но тоа се должи на фактот што две држави за прв пат годинава се вметнати во истражувањето, од кои едната е ставена директно пред Македонија.
Македонија ја задржа конкурентноста на економијата во текот на изминатата годината, во услови кога во регионот има негативен тренд и соседните држави бележат намалување на конкурентноста.
Вака во средата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски го коментираше Извештајот на Светскиот економски форум во однос на глобалната конкурентност за 2012-13 година, на кој Македонија е рангирана на 80 место од 144 држави во светот.
Македонија е за едно место подолу во споредба со минатиот извештај, кога беше на 79 место, но тоа се должи на фактот што две држави за прв пат годинава се вметнати во истражувањето, од кои едната е ставена директно пред Македонија, појасни Пешевски.
„Доколку се погледне објективно и реално Извештајот, Македонија ја задржала конкурентноста во текот на измината година на исто место, за разлика од генералниот тренд во регионот каде што има паѓање на конкурентноста“, рече Пешевски, додавајќи дека Црна Гора паднала за 12 места, Албанија за 11, Грција за шест, а Хрватска за пет.
Анализирајќи го Извештајот преку одделни категории од кои сочинет, Пешески констатираше дека во факторите кои се под директно или индиректно влијание на владата, Македонија бележи добри резултати, додека влошување има во факторите кои се под влијание на компаниите.
Како поткрепа на својата теза, Пешевски ги наброја рангирањата во кои Македонија бележи подобрувања, како и оние во кои се евидентирани влошувања, за кои рече треба да се работи на нивно подобрување.
Македонија и натаму најдобри рангирања има во Оданочувањето и даночната стапка, каде што спаѓа во групата на земји кои се рангирани на второ место. Државата добро стои и во сферата на време потребно за започнување на бизнис и бројот на процедури потребни за отворање на бизнис, каде е на второ, односно осмо место.
Релативно добро стои и во сегментот Макроекономска стабилност, Ефикасност на пазарот на добра и Работење на институциите.
„Подобрување имаме во однос на минатата година имаме во категориите Пристап до кредити (подобрување за 26 места) , Пристап до финански услуги (20 места), Влијание на деловните прописи врз странските директни инвестиции (20 места), Степен и ефекти од оданочување (25 места), Товар од владината регулатива (20 места) и Квалитет на авиотранспортна инфраструктура (22 места)“, наведе Пешевски.
Позитивни промени има и кај индикаторите Достапност на услуги за специјализирано истражување и обука и број на ученици во основно образование, Права на сопственост, заштита на интелектуална сопственост, Транспарентност во креирање на владината политика, Сигурност на банките, Нерентабилно трошење на владини средства.
„Она што може генерално да се забележи кај сите овие фактори кај кои што имаме подобрување, се работи за проекти кои што се директно или индиректно врзани со она што е програма на владата“, рече Пешевски.
Осврнувајќи се на негативните промени, Пешевски информираше дека најголем пад Македонија има кај инфлацијата, каде што минатата година се нашла на делба на првото место со уште 50 држави, со стапка на инфлација од 0-2 отсто,а годинава паднала на делба на 54 место со стапка од 2-4 отсто.
„Не се работи за некоја енормно висока инфлација, но влијае негативно на рангот“, оцени Пешевски.
Македонија назадувала во категориите, Усвојување на технологии на ниво на претпријатија (пад од 12 места), Истражувачка соработка помеѓу Универзитетите и индустријата (13), Вложување на фирми во истражување и развој (14), Соработка во односи работодавач работник (19), Капацитет за иновации (13), Степен на ориентираност кон потрошувачите од компаниите (22), Спремност да се делегираат овластувања во рамките на компаниите 20 места, Софистицираност на потрошувачите (10), и др.
„Доколу останати индикатори кои се под влијание на компаниите не беа влошени, ние можевме оваа година реално да имаме подобрување на конкурентоста“, рече Пешевски, изразувајќи оптимизам дека подобрувањето ќе уследи веќе наредната година.
Во таа насока владата формираше Национален совет за претприемништвото каде ќе се разгледуваат мерки за подобрување на конкурентноста.
„Извештајот покажува дека за подобрување на конкурентоста на македонската економија потребно е посветено делување на повеќе чинители. Нашите напори како влада во иднина ќе бидат насочени во поинтензивна соработка со бизнис заедницата, научно-истражувачките институции, граѓанските организации, со цел овие негативни трендови кои се влошиле да се влијае кон нивно подобрување“, заклучи Пешевски.
Во годинешниот извештај, кој е составен од над 100 подиндикатори во 12 столба, Швајцарија е на првото место пред Сингапур, Финска, Шведска и Холандија.
Она што може да се види од извештајот е дека притисокот на економската криза се уште влијае врз изгледите на најголемата светска економија САД, додека должничката криза и опасностите од падот на банкарскиот систем во периферните држави на еврозона остануваат и натаму нерешен макроекономски предизвик, изјави Пешевски.